Маглата, причина за несреќата во која загина Коби Брајант

И официјално е потврдено: Девет жртви има во вчерашната хеликоптерска несреќа во близина на Лос Анџелес, во која загина легендарниот поранешен кошаркар на „Лејкерси“, Коби Брајант заедно со неговата 13-годишна ќерка Џиџи.



„Нема преживеани. Имаме потврда дека во хеликоптерот имало девет лица, пилот и осум патници“, изјави шерифот на округот Лос Анџелес, Алекс Вилануева, на прес-конференција. Тој одби да ги идентификува жртвите.

Претставникот на НБА, Адам Силвер потврди дека Брајант и неговата ќерка се меѓу загинатите, и упати сочувство на сопругата на Брајант, Ванеса.

Иако не е позната причината за падот на хеликоптерот, се претпоставува дека причината може да биде многу лошо време.

Метеорологот на Си-Ен-Ен Мајкл Гај изјави видливоста во моментот кога се урна хеликоптерот била многу мала, поради густата магла.

„Влажноста беше 100 проценти. Тоа значи дека воздухот беше како супа“, рече тој.

Лошото време го потврдија и од полицијата во Лос Анџелес. „Временските услови во неделата наутро не ги исполнуваа минималните услови за летање, а полициските хеликоптери биле приземјени“., пренбесе Си-ен-ен.

Според TMZ sports, хеликоптерот на Брајант неколку пати кружел и менувал височина пред да се упатил кон југ што заврши со фатален удар во планинска област.

ФБИ ја истражува несреќата, објави Си-Ен-Ен, а истрагата може да потрае со недели. Воведена е забрана за летање во областа каде што се случила несреќата, а областа е оградена.