Основното училиште „Вук Караџиќ“ од Куманово „до даљњег“ нема да ѝ ги отстапи просториите на гимназијата „Сами Фрашери“, откако седницата на Советот на која падна предлогот беше прекината и тој не беше ставен на гласање.
Тоа е епилогот од жестоката дискусија меѓу предложувачот Осама Моадини, советник на Алијанса за Албанците, со советниците Македонци, објави весникот на албански јазик „Љајм“.
Моадини рече дека 114 деца учат во „Вук Караџиќ“ на македонски јазик, а годинава се запишаа само 9 ученици во прво одделение, додека во „Сами Фрашери“, чии простории се во некогашниот земјоделски комбинат, има 1.200 гимназијалци Албанци.
„Предлагам училиштето да ѝ ги отстапи просториите на гимназијата, а учениците од ‘Вук Караџиќ’ да бидат преместени во најблиското училиште за да одат на часови и еднаш засекогаш да се стави крај на проблемот. Барам статутот на училиштето ‘Вук Караџиќ’ да се испрати до Министерството за образование за да видиме дали ова училиште може да функционира со толку мал број ученици. Го поканувам министерот (Арбер Адеми – н.з.), кој е од нашиот град, да се справи со Статутот на ова училиште“, рече Моадини во кумановскиот Совет, по што изби жолчна расправа со советниците од неалбанска националност.




