Македонскиот пасош 47. по вредност во светот

Пасошот на Македонија е на 47. место меѓу 107 земји опфатени со ранг-листата на „Хенли паспорт индекс“ за 2020 година, благодарејќи на можноста да се патува без виза во 123 држави.



Тоа е пад од две места во однос на минатата година. Најмалку вреден беше во првото рангирање во 2008 година, кога се најде на 55. позиција, а најдобро стоеше во 2014 година, кога беше 36.

Од земјите во регионот помоќни пасоши од Македонија имаат Грција на делба на осмото место, со можност за влез без виза во 184 земји, потоа Словенија на 11. (180), Бугарија на 18. (171), Хрватска на 20. (169), Србија на 39. (133) и Црна Гора на 46. (124). Босна и Херцеговина е 52. (117), Албанија 54. (114), Турција 55. (111) и Косово 99. (40).

Највреден пасош во светот има Јапонија, чии државјани можат да патуваат без виза во 191 земја, втор е Сингапур со 190, а третото место го делат Германија и Јужна Кореја со по 189.