СДСМ И ДУИ вработуваат 100 души дневно по лидерската кај Пендаровски

По лидерската средба кај претседателот Пендаровски на почетокот на ноември кога падна договор за одржување на предвремени избори владеачките партии направиле обид за вработување на стотина луѓе секој работен ден во државната администрација.



Доколку анализата на заменската министерка во Министерството за информатичко општество и администрација, Невена Стаменковска Стојковски се потврди, тоа ќе биде рекордно објавување на огласи за вработување на луѓе претежно партиски кадри во историјата на независна Македонија.

Стаменковска – Стојковски денеска обелодени дека за период од само 2 месеци распишани биле огласи за вкупно 4.131 работно место во јавната администрација и државните претпријатија.

Од тогаш до сега поминале 60 денови од кои работни се нешто над 40 што значи дека дневно се објавувале огласи за стотина луѓе.

Според неа, фрапантно е што овие огласи се распишале по 6 ноември, кога се обзнани дека ќе се формира техничка влада и ќе има предвремени избори.

Стаменковска Стојковски вели дека голем дел од огласите биле за вработувања во институции каде администрацијата е пренатрупана или, пак, во државни фирми каде едвај се обезбедуваат пари за плата за вработените.

Заменската министерка вели дека ќе ги преиспита сите огласи и ќе ја провери нивната оправданост, особено за оние работни места каде платата се движи помеѓу 40.000 и 60.000 денари.

Доколку се утврди каква било неправилност, Стаменковска Стојковски ќе побара поништување на огласите.