Новинарот Бранко Героски кој ја отвори аферата Рекет вечерва ги исцрта профилите на ликовите во непосредна близина на екс премиерот Заев кои биле фактори во аферата која ја урна македонската влада.
Героски не ги пишува нивните имиња но во јавноста се шпекулира дека се зборува за луѓе со иницијали З. Б., В. З., Р. Ш., С. О., и Љ. Ф кои се од непосредното опкружување на лидерот на СДСМ.
Еден од нив според профилите што ги дава Героски е човек со искуство на естраден менаџер а другите, професор, електро инжинер, бизнисмен, интелектуалец и познат новинар.
“Инаку, да знаете една работа што можеби не сте ја знаеле. Со должна почит кон „медиумскиот гениј“ Бојан Јовановски, главната конфигурација на 1ТВ ја состави и јадрото на „ѕвездениот тим“ го избра токму тој советник на Заев, веројатно во консултација со луѓе од опкружувањето на премиерот.
Истиот човек ја подготви и „евакуацијата“ на истиот тим по пропаста на 1ТВ и го дизајнираше и новиот телевизиски проект, во медиум во кој советникот на Заев има и сериозно влијание, но и многу близок пријател во сопственичката структура.
Моите информации се дека истиот човек во почетокот го менаџирал и движењето на парите собрани во рекетирањето од страна на талентираниот Боки, на неговите асистенти од Меѓународен сојуз, но – сега конечно мора и тоа да се каже! – и на еден човек од екипата на 1ТВ, кој сепак бил инволвиран во рекетирањето на бизнисмените.
Така било во почетокот.
Подоцна, откако државниот врв ќе сфати дека под негово покровителство се рекетираат милиони (се сеќавате на онаа реплика „многу си го обрал друже“?), во контролата на рекетот ќе се вклучи и човек од најголема доверба на Заев, човек за кого велат дека без него не може да се стокми ниту еден бизнис во земјата и кој не седнува на маса без аванс од извесна сума евра, без оглед на исходот на зделката. Знаете на кого мислам, нели?
Кој ги спои Боки и Катица?
Како и тогаш, така и сега, Заев не умее да ја процени политичката штета од тие игри, не може да сфати дека тој ќе ја плати. Како и да е, тоа лето Заев имаше извонредна шанса да ја прекине таа линија на влијание на незгодниот советник, бидејќи дојде редовниот термин тој на своите советници да им ги продолжи договорите, или, едноставно, да им се заблагодари на дотогашната соработка. Откако беше објавено дека на дотичниот советник му е обновен договорот, мене ми беше јасно дека Заев се впушта во невозможна мисија наречена „Хименопластика“: човекот реши да ја обнови перцепцијата за невиноста на специјалната обвинителка Катица Јанева и случајот да го сведе на наративот за еден вешт „педер“ (со извинение до ЛГБТ заедницата, како што вели Заев) и неколку негови соработници, кои го злоупотребиле познанството со луѓе од власта за да рекетираат бизнисмени. Уште во тоа време имав сигурни информации дека ни обвинителката Вилма Русковска ни државниот јавен обвинител Љубомир Јовески нема да ја туркаат таа блесава приказна.
Но, тоа не е сѐ. Ни советникот на Заев, ни неговиот многу близок човек што ги контролира бизнисите, најмалку пак исфрустрираната Фросина Ременски, не се тие што ги споија Боки Јовановски и Катица Јанева.
Создавањето на тој неверојатен рекетарски тандем, според моите информации, е дело на најмалку четири лика: носител на акцијата е блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ (која, како што слушам, после изборите планира евакуација од извршната власт), идеолог е еден наш познат интелектуалец кој остварува значајна блискост со Јанева веднаш по нејзиното назначување, човек за врска е еден наш познат новинар кој е близок и со неа и со Боки, а целата операција сепак не можела да помине без знаење на самиот Заев. Всушност, на таа средба со Заев што не се оствари, јас сакав директно да го прашам премиерот – друже, дали ти го одобри создавањето на рекетарскиот тандем на столетието, или некој ти подметна кукавичко јајце”, пишува Героски во дел од текстот.
Целиот текст на овој ЛИНК




