Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов ги спореди Бугарија и Македонија со Грција и Кипар, со Германија и Австрија, со двете Кореи, како држави во кои живее ист народ што зборува ист јазик.
„Таа политика од времето на Тито – да се обидуваш да флертуваш со секого и по малку да ги подизлажеш сите, за да можеш ти да се добро, не е можна. Ние ја признавме Македонија како суверена држава. Никој не може да нè тера и не може да бара од нас да признаеме дека јазикот што тие го нарекуваат македонски е посебен. Во меѓународното право се признаваат држави. Не се признаваат нации и не се признаваат јазици“, изјави потпретседателот на бугарската влада за Радио Бугарија пред да премине на поентата.
„Вие сте слушнале ли некој во Кипар или во Грција да води спор дали Кипраните, кои зборуваат грчки, се посебна нација или не се? Или на каков јазик зборуваат Кипраните – на грчки или на кипарски? Таков спор да има меѓу Германија и Австрија, дали зборуваат на австриски или на германски, или меѓу двете Кореи, кои се пред војна? Дали има севернокорејска нација и дали едниот јазик е различен од другиот? Таа шизофренија создадена во титова Југославија на идеолошка основа со идејата да се уништат бугарската кауза и свест во Македонија не може да биде дел од една европска политика и никој во Бугарија не може да ја прифати и да ја поддржи. Тоа не може да се случи“, категоричен е лидерот на софиското ВМРО.




