Опозицијата со аплауз реагираше на оставката на премиерот Зоран Заев, која на седницата на Собранието ја соопшти собранискиот спикер, Талат Џафери.

Тој утрово ја потпиша и ја достави оставката од премиерската функција, но не присуствуваше на седницата во Собранието, а во оставката напомна дека нема усно да ја образложува.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кажа дека оставката на Заев е почеток на падот на владата предводена од СДСМ и дека на претстојните предвремени избори на 12 април граѓаните ќе го вратат ВМРО-ДПМНЕ на власт.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески рече дека и на претстојните избори неговата партија ќе биде победник, бидејќи граѓаните не сакаат и нема да дозволат на власт да се врати ВМРО-ДПМНЕ и, како што кажа, нивните криминали.
На седницата беше констатирана оставката на пратеничката Невенка Стаменковска Стојковски. Џафери побара ДИК да го извести Собранието кој пратеник ќе ја замени.





