Моќниот ирански генерал Касем Сулејмани, шеф на елитната единица Кудс на иранската револуционерна гарда е убиен во американски бомбашки напад на аеродромот во Багдад, јави ирачката државна телевизија.
Сулејмани и официјални лица од иранската милиција го напуштале аеродромот во Багдад во два автомобили кога биле погодени од американско беспилотно летало , јдознаваат американски медиуми.
Пентагон потврди дека американскиот претседател Доналд Трамп наредил ликвидација на иранскиот генерал, пренесува Хина.
„Американската армија презеде решителни одбранбени мерки по командата на претседателот за да го заштити американскиот персонал во странство со ликвидација на Касам Сулејмани“, соопшти Министерството за одбрана на САД.
Сулејмани се сметаше за национален херој во Иран.
Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, го нарече денешниот американски напад „акт на меѓународен тероризам“ и дека САД ќе „ја сносат одговорноста за сите последици“.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи, рече дека „тешка одмазда ги чека криминалците“ што стојат зад нападот. Тој најави и три дена национална жалост.





