Македонскиот дипломатски синдикат (МДС) реагира на забрзаното туркање на Нацрт-Законот за надворешни работи кој минатата недела беше предмет на разгледување во МННР , а во саботата експресно поминал во Владата и стана Предлог-закон и покрај тоа што МДС аргументирано оспори половина од нацрт текстот на нацртот.



„Брзината со која по секоја цена се пристапи кон менување на Законот, и покрај тешките прекршувања на процедурата за што алармираше Министерството за информатичко општество и администрација, јасно покажуваат дека вистинска цел на новиот Закон за надворешни работи не е во интерес ниту на вработените, ниту на поставувањето на дипломатијата на професионални, цврсти и долгорочни основи“, се вели во соопштението на Македонскиот дипломатски синдикат.

Во тенденцијата да создаде елитистичко друштво на кариерни дипломати, нацрт текстот целосно „го пушта низ вода” пред се административниот персонал во дипломатијата кој сработува најодговорни работи, како на пример, прием и обработка на најдоверливи класифицирани информации, финансии и слично.  Исто така, со поставувањето голем број пречки, младите дипломати и оние од среден ранг, се буквално запрени во своето кариерно напредување до некоја друга прилика.

Можеби до брзото менување на Законот.

Згора на се, и покрај спротивните вербални залагања и уверувања од страна на министерот, нацрт текстот е олицетворение на еден високо централизиран акт и концентрација на моќ во рацете на Министерот и Колегиумот (именуван речиси целосно од министерот) која задира дури и во работните права и егзистенцијата на вработените.

Како синдикална организација во чија основа на организирање лежат солидарноста и работните права, подолг период укажуваме, а сега и бараме најитно повлекување на овој елитистички проект и негово изготвување од почеток, во една транспарентна процедура. Не гледаме зошто е потребно волкаво брзање и донесување контроверзен законски текст, кој и според зборовите на еден од пишувачите, претставува влез во неизвесност, т.е.  Terra incognita (Непозната земја)“ се вели во реакцијата на Македонскиот дипломатски синдикат.