Секој четврти државјанин на Македонија што бил одбиен за азил во некоја од земјите-членки на Европска унија плус Норвешка и Швајцарија повторно аплицирал, покажуваат податоците на Европска канцеларија за поддршка на азилот (ЕАСО).
Македонија во овој поглед е при врвот, имајќи предвид дека во просек повторно бараат азил во наведените држави десет проценти од одбиените апликанти.
Најупорни „повторувачи“ се несудените азиланти од Босна и Херцеговина, меѓу кои двајца од петмина одбиени одново поднесуваат барање. Високо котираат и Србија (еден од тројца), и Косово (еден од четворица).
Во првите три квартали од годинава 35 проценти одбиени апликанти од Србија повторно побарале азил, 33 отсто од Косово, 24 отсто од Македонија итн.
Вкупно 70.370 барања за азил во ЕУ плус Норвешка и Швајцарија се поднесени само во октомври, а во првите десет месеци од 2019 година заедно бројката достигна 586.700, што е зголемување за 11 отсто во однос на истиот период лани. Најмногу баратели има од Авганистан, од Сирија и од Венецуела.




