Боки 13 му рекол дека рекетира за да живее ТВ1


Новинар кој работел во ТВ1 на обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13, на денешното сведочење во предвемтот „Рекет“ раскажуваше за начинот за работење на телевизијата 1ТВ.



Христијан Баневски пред судот раскажа дека сториите кои ги правеле во телевизијата ги одбирале самостојно, но посочи и дека од тоа имало исклучоци. Конкретниот пример кој што го раскажа пред судот се однесуваше на испитување на сите води кои се продаваат на пазарот во државата.

Бојан Јовановски барал неколку пати да се најавува дека 1ТВ ќе носи мостри од флашираните води и дека ќе истражува дали постојат отстапки кај фирмите, односно дали некои фирми точат води од чешма, ги пакуваат и ги продаваат.

„Јовановски побара од мене неколку пати во текот на емисијата да најавам дека ќе правиме испитување на мостри на води, на што прво се спротивставив, но потоа го најавив она што требаше. Такви испитувања не направивме, а јавноста почна да прашува каде се резултатите. По ова наш спонзор во телевизијата стана ‘Пелистерка‘, а забележав дека голем дел од рекламите на ‘Пелистерка‘ од другите медиуми беа повлечени за да се донесат кај нас“, сведочеше пред судот Баневски.

Тој во својот исказ спомена и дека бил повикан во канцеларијата на Јовановски за друга наводна приказна поврзана со наводни криминали на ‘Агриа‘ од Велес,

„Јовановски ме викна кај него во канцеларија и побара од мене да го најдам Перо Колевски. Јас му се јавив за да му го кажам она што, како сознание ми беше соопштено од Јовановски, на што од соговорникот добив бурна реакција и коментар дека ние во телевизијата сме рекетари.

По овој разговор го прашав Јовановски ‘дали го рекетирате овој човек‘. Јовановски ми одговори дека телевизијата мора од нешто да живее“, рече пред судот новинарот Баневски.

Извор: МКД