Актерката Силвија Стојановска, која е во домашен притвор под сомнение дека е вмешана во шверц на кокаин, е лоцирана како соработник и преку неа се пренесувани значителни суми пари, дејствувала како логистика, а со таа цел во текот на летото патувала и во Шпанија.
Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
МВР денеска ги обелодени деталите од меѓународната акција за сузбивање на организиран шверц на 700 килограми кокаин од Колумбија во Европа. Се проценува дека вредноста на кокаинот во промет би достигнала околу 20 милиони евра. Уапсени се вкупно пет лица, а по две се трага.
Таа била одговорна за резервирање на хотелски претстој, но и за трансфер на 10 илјади евра.
„Лидер на оваа група е првопријавениот В.Б., кој заради впишана забрана за патување во земјите од ЕУ, го ангажирал неговиот брат резидент на Белгија. Од јуни до декември остварувале редовни контакти за договарање на сите детали за пренос на кокаинот.
Откако биле договорени сите детали, на почетокот на декември С.С. по инструкции на нејзинито партнер В.Б. резервирала апартман во Мадрид на име на неговиот брат и истиот го платила со сопствена кредитна картичка. С.С. во октомври отпатувала во Мадрид преку Софија, за во име на нејзиниот сопруг од непознат шпански државјанин да подигне 10.000 евра, најверојатно за криминални активности на оваа мрежа“, образложи Спасовски.
Покрај Стојановска, во Скопје е приведен и нејзиниот сопруг Воислав Будисављевиќ. Во Мадрид е приведен и братот на Будисаљевиќ, заедно со уште двајца шпански државјани, сите осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотици. Акција е спроведена со помош на шпанската полиција и американскиот оддел за сузбивање на шверц со дрога.





