Премиерот Зоран Заев денеска ја коментираше изјавата на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, дека ако неговата партија обезбеди 80 пратеници ќе пристапи кон враќање на старото уставно име.
„Ако Мицкоски дојде на власт ќе ги поништи договорите со Грција и со Бугарија, но не е возможно тој да дојде на власт“, коментираше денеска премиерот Зоран Заев, во врска со изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Заев вели дека не се сомнева дека од ВМРО–ДПМНЕ ќе направат се за да го поништат Договорот, но истовремено чесно треба да им кажат на граѓаните дека тоа ќе не врати надвор од ЕУ и од НАТО, дека ќе не скара повторно со соседите и ќе има рефлексии врз економијата и врз целиот регион.
„ Јас мислам дека и една најмалата политичка партија во државата да биде избрана недозволиво е вака да се постави. Недозволиво е колку и да се биде алчен за власт, да се има желба за победа, за повеќе гласови и слично. Се работи за граѓаните и за нашата држава. Ние ги исполнивме двете стратешки цели, еве сме членка во НАТО, а верувам брзо и ќе почнеме преговори со ЕУ“, рече премиерот.





