Професорот на Универзитетот во Приштина, Миjазим Красниќи, за весникот „Зери“ изјави дека иницијативата „мини-шенген“ ја зајакнува Србија и ги ослабува позициите на Косово, потенцирајќи дека изјавите на албанскиот премиер Еди Рама претставуваат предавство на Косово, пренесе Б92.



„Постапките на албанскиот премиер се предавство на Косово, бидејќи е потребно заедниѓтво меѓу Косово и Албанија. Не може да има регионални иницијативи без решавање на проблемот со односите на Косово со Србија и БиХ“, рече Красниќи.

Според него, ваквите иницијативи не успеваат, бидејќи нивната цел не е да се интегрира целиот Балкан, туку да се зајакне Србија и ако продолжи, може да се појават конфликти.

Претставникот на невладината организација „Чоху“, Артон Демашај, вели дека за Косово нема да има штета ако не присуствува на состаноците на „Мини Шенген“, бидејќи таа иницијатива и не може да се реализира без вклучување на целиот Балкан.

Третата средба (по Нови Сад и Охрид) на Иницијативата меѓу Албанија, Македонија, Србија и Црна Гора се одржа во Тирана на 21 декември, а лидерите на Косово и Босна и Херцеговина одбија да присуствуваат.

Косово јасно стави до знаење дека нема да биде дел од тој самит сè додека главниот иницијатор и протагонист на Алијансата е Србија, која продолжува со сите средства да се спротивставува на признавањето на Косво, пишува „Зери“.