Европската унија, германската влада посебно како и официјална Москва денеска ги осудија санкциите на САД против фирмите вклучени во изградбата на гасоводот „Северен тек 2“.
„Европската унија фундаментално се спротивставува на наметнување санкции за европските компании вклучени во легални активности“, истакна портпаролот на ЕУ.
Германската Влада оцени дека тоа е „мешање во внатрешните работи“ на земјата.
„Владата ги отфрла овие екстратериторијални санкции“, рече Улрике Демер, портпаролка на германската канцеларка Ангела Меркел.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави денеска дека американските санкции против компаниите поврзани со изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ ги спречуваат другите земји да ја развиваат својата економија.
„Држава со 22.000 милијарди долари јавен долг им забранува на солвентните земји да ја развиваат својата реална економија“, истакна Марија Захарова на својата страница на Фејсбук во која се осудува „американска идеологија која не поднесува светска конкуренција“.
„Тие наскоро ќе ни забранат да дишеме“, напиша таа.





