Хрватскиот македонист Горан Калоѓера на 1 ноември се повлекол од почесен конзул на Македонија во Хрватска поради противењето на промената на името, Преспански договор, комисијата со Бугарија и двојазичноста.
„Неколку информации за некои работи да бидат јасни, а се однесуваат на изборот на новиот почесен конзул во Риека. Моите причини за разрешувањето се следните: се противам на промената на името на Република Македонија, не го поддржувам Преспански договор, бидејќи сметам дека е штетен за македонскиот народ, се противам на Законот за двојазичност бидејќи е непотребен, не ја поддржувам работата на бугарско-македонската комисија бидејќи им штети на угледот и на историската стварност на Македонците. Сметам дека Македонците не се мултиетнички народ, туку македонски. Ги поддржувам сите напори на ретките македонски интелектуалци што се спротивставуваат на негирањето на македонскиот јазик. Ги поддржувам сите оние прогресивни сили во Македонија што се борат за опстанокот на своето име, идентитет и јазик.
Што се однесува, пак, на гласиштата што доаѓаат до мене, а се сведуваат на тоа дека го поддржувам изборот на новиот почесен конзул во Риека, тие се бесрамна лага. Воопшто не ме интересира кого новата власт ќе именува за почесен конзул во Риека, за тоа прашање не сум консултиран и не сакам да бидам. На новиот конзул му посакувам сè најдобро, но јас со неговиот избор немам никаква врска“, објаснува на Фејсбук професорот од универзитетот во Риека.





