Кој вели дека македонскиот народ нема пријатели во овој суров, себичен и сè понеправеден свет? Има, и тоа како.



По многу нешта, на врвот се Хрватите. Просто, не можат да бидат обична случајност изливите на љубов што од Хрватска ги опсипаа Македонија и Македонците во краток временски период. Прво, на крајот од ноември водителот на „Кој сака да биде милионер“ на Хрватска телевизија, Тарик Филиповиќ, среде квиз даде на знаење дека многу ги сака Македонците и оти, и покрај промената на името, за него Македонија секогаш ќе биде само Македонија.

Во меѓувреме, донеодамнешниот почесен конзул на Македонија во Хрватска, Хрватот Горан Калоѓера, не пропушта ден а да не проговори за македонските работи, отворено застапувајќи се за македонската кауза, а срцето на Македонците синоќа им го стопли и Петар Грашо. „Благодарам Скопје, благодарам Македонија! Можеби требаше да кажам некое друго име, но некои работи се менуваат на хартија, а за мене, во моето срце, вие секогаш ќе бидете Македонија!“, ќе порача хрватската музичка ѕвезда на концертот во Македонска филхармонија.

Зошто токму поранешната хрватска европарламентарка Маријана Петир ја основа и шефуваше со Група пријатели на Македонија во Европски парламент до лани, кога Заев и Димитров ја сменија од функцијата. Нанесената неправда, сепак, не ја спречува и ден денес да биде жесток борец за македонските правдини.

Може ли да биде само обичен сплет на околности тоа што македонската кошаркарска легенда Тодор Гечевски беше капитен и вистински „бог“ на навивачите на Задар, а македонскиот ракометен великан Кирил Лазаров на фановите на Загреб? Повеќеилјадната „македонска фаланга“, пак, се чувствуваше како дома во Хрватска за време на Светското ракометно првенство во 2009 година и во текот на Европскиот шампионат лани.

Конечно, има ли Македонец што не наишол на отворени симпатии на „наше море“ во Далмација? Или што на минатогодишниот фудбалски мундијал во Русија не ги поддржувал „коцкестите“ до финалето и сребрениот медал?

Македонците безмалку инстиктивно „се топат“ кога ќе ги чујат Дадо Топиќ со легендарната „Македонија“ („Таму каде што вечното сонце сјае, таму е Македонија, народ и земја кои ги сакам јас…“), па Оливер Драгоевиќ, Мишо Ковач, Јура Стублиќ, Дорис Драговиќ, Даниела Мартиновиќ, Петар Грашо. Хрватите, пак, ги прифатија како свои „Леб и сол“, Тоше Проески, Калиопи.

Хрватска не само што нема проблем со идентитетот на Македонците, туку ги има наведено и во Уставот како едно од 22 признати национални малцинства. А, според последниот попис, во „лијепа наша“ живеат само 4.270 Македонци, претежно во Загреб.

Уште многу примери можат да се наведат за проникнувањето на односите и за заемната упатеност на Македонците и на Хрватите. Блискоста на двата народа е вистински феномен во еден невралгичен регион, каков што е Балканот, каде што речиси секој со секого се расправа кој е автохтон, а кој дојденец, кој имал поголема територија од другиот, кој е понапреден, а кој „затуцан“ итн.

Види чудо, ним не им е потребен договор за пријателство за да бидат пријатели без никакви условувања. Едноставно, како во евергринот на „Бијело дугме“, има некоја тајна врска меѓу Македонците и Хрватите…