Героски за сите успеси на Зоран Заев


По вчерашното писмо на претседателот на владејачката СДСМ, Зоран Заев, со кое повикува до изборите на 12 април секаде и во секоја прилика да се зборува само за успесите, а за грешките потоа бидејќи тоа е единствениот начин за победа, реагира новинарот Бранко Героски:



„Во ред, другар Зоран Заев, штом толку инсистираш, еве, ќе зборувам и јас само за твоите успеси. Вечерва не можам одеднаш за сите, се разбира, бидејќи се многубројни. Ќе почнам од почеток и ќе ги спомнам само оние што ми се чинат најважни“, пишува новинарот Бранко Героски во колумна за „Плунсифо“.

Дојде на власт без изборна победа

Да, така беше. Ти успеа да дојдеш на власт без победа на изборите. Со два пратеника помалку од победникот…

Се опкружи со апаратчици и со апологети

Со исклучок на неколку способни и посветени луѓе (имаше и има такви во твојата влада), ти успеа во твоето најблиско опкружување да собереш главно партиски апаратчици, апологети и полтрони, советници на кои всушност им е потребен другарски совет дека ја згрешиле адресата, како и интриганти и евтини пропагандисти…

Поттикна говор на омраза, лажни вести и манипулации

Успеа да ги замразиш своите критичари и да ја поттикнеш целата партиска и владина машинерија, вклучувајќи ги тука и медиумите што ги освои (знаеме како), да те бранат со еден недостоен говор на омраза кон твоите критичари, со ширење лажни вести и манипулации, со црна пропаганда и со кампања со која успеа да нѐ потсетиш на „славните“ достигнувања на твојот претходник Никола Груевски. Не верував дека ќе успееш во тоа, но ти ме изненади.

Го реши спорот со Грција, но не беше искрен со нас

Да, ти успеа да го решиш спорот со Грција. Секоја чест! Но, успеа со договор кој ги надмина твоите ветувања кон нацијата. Да те посетам, ти ни вети дека компромисното име ќе биде само за меѓународна употреба и дека нема да се менува Уставот. Додека дишам, велеше…

Го „преживеа“ неуспешниот референдум

И покрај предупредувањата да не го правиш тоа, ти свика референдум. Кој не успеа. Згора на тоа, ти се обиде да ја убедиш јавноста во спротивното, дека референдумот некако бил успешен, дека два и два сепак биле пет, а не четири…

Удри по македонизмот со сета сила

…Успеа новото компромисно, но службено име на нашата земја (Република Северна Македонија), како и придавката изведена од тоа име, да ги наметнеш како обврска во секојдневниот говор на сите службени лица, што не е обврска од договорот што го потпиша…

Не доби датум за ЕУ „по вина на Макрон“

Успеа да ја убедиш нацијата во ноторната лага дека после Преспанскиот договор, нашата земја веднаш ќе добие датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија и дека тоа е само техничко прашање, бидејќи сите други барања во поглед на реформите биле исполнети…

Правиш драма од ратификациите за НАТО

Сега се трудиш и делумно успеваш ратификациите на земјите членки на НАТО, после нашиот формален прием во оваа организација, ратификациите кои навистина се само техничко прашање, да ги прикажеш како политички достигнувања. Згора на тоа, тешкотиите околу ратификацијата од страна на Шпанија, ти се обидуваш да ги искористиш како алиби за одложување на изборите…

 Го реши спорот со Бугарија, па пак го замрси

Да, другар Заев, ти успеа да го решиш и спорот со Бугарија, ама и да го замрсиш пак. Со многу твои лични несериозни постапки, со многу спорни изјави и одлуки на твојата екипа, ти истовремено успеа да ја испровоцираш официјална Софија да ги отвори болните прашања, за кои двете земји спорат со децении – прашањата за постоењето на македонскиот јазик и за самобитноста на македонската нација…

„Се претера“ и со двојазичноста

Твој успех е и решавањето на јазичното прашање на Албанците во нашата земја, договорот за двојазичноста, кој беше критикуван, но доби и силна поддршка…

Колумната на Бранко Героски на следниот ЛИНК