Грчката заедница од Мелбурн ја обвини новата градоначалничка на општината Витлси, Македонката Емилија Лиза Стерјова, за нарушување на меѓуетничката кохезија во Австралија со играњето оро со знамето со сонцето од Кутлеш.



Грците од главниот град на државата Викторија биле „навредени“ од фотографијата што ја објави таа на нејзиниот профил на Фејсбук од свеченото доделување дипломи на учениците што посетуваа часови по македонски јазик.

„Учењето на јазикот има многу придобивки, вклучувајќи го и зачувувањето на нашата неверојатна културна разновидност. Пред шест години и јас дипломирав во македонското училиште и видов како јазикот ми помогна подобро да се поврзам со нашата заедница. Важно е да се гордееш со своето наследство“, порача во постот најмладата градоначалничка на општината со 200.000 жители и воопшто во австралиската историја.

Стерјова на 7 ноември имаше само 22 години кога ја презеде функцијата во Витлси, а претходните три години беше советник во општината од северниот дел на Мелбурн. Таа е студентка по право и меѓународни односи на универзитетот „Ла Троуб“.