Академик Катица Ќулавкова со детална аргументација на својот блог го оспорува најновото негирање на македонскиот јазик од Бугарска академија на науките.
„Враќање нема, уважени колеги: македонскиот јазик постои и е признат во сите меѓународни институции, регистри, документи, атласи… Колку побрзо тоа го уважите, толку побрзо ќе ги надминете сопствените предрасуди, анимозитети и стигмата на далечното минато време, кое за нас е под признакот на старословенската писменост на Македонските Словени, а за вас под признакот на старобугарската писменост.
Со сета почит кон вашата историја на бугарскиот јазик, очекуваме почит и од ваша страна кон историјата на македонскиот јазик. Нема да се враќаме на постарите периоди и библиските наративи, кога можеби човештвото зборувало на еден јазик, па во тој контекст, можеби и нашите народи. Нас нѐ интересира почитување на современите научни парадигми, а тие недвосмислено го вградиле македонскиот јазик како легитимен претставник на големата група на словенски и индоевропски јазици“, вели Ќулавкова во текстот насловен „Ригидноста на бугароцентричниот ум“.
„Редно е БАН, како водечка и референтна научна установа на Р. Бугарија, да го признае постоењето на македонскиот јазик, не оти без тоа признание македонскиот јазик нема да постои и да се развива, туку затоа што тоа е предуслов за да се води рамноправен и цивилизиран дијалог меѓу современите народи. Затоа што, нели, жив дијалог водат живи лица, во современи и актуелни околности, мислејќи на блиската иднина, а не духовите на минатото, не нереалните квази-романтичарските платформи“, додава
книжевниот теоретичар, есеист, антологичар, критичар, универзитетски професор, поет и раскажувач.
„Навистина е тешко да се сфати како една нација која има толку експлицитни романтичарски емоции спрема другата и која се идентификува со другата, сепак си допушта толку експлицитна негаторска реторика (ако Македонците се Бугари, тогаш според таа логика, Бугарите се Македонци, сеедно како се нарекуваат самите себе!)!“, заклучува редовниот член на Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ).





