Обвинител бара антимафија мерки за обвинители, судии, активни и експолитичари

Обвинителот од Охридското обвинителство Војо Димоски смета дека власта не сака да спроведе ветинг затоа што на политиката и одговара хаосот во правосудството.



Димоски бара да се направи проверка на имотот на сите носители на јавни функции и ако се утврди дискрепанца во примањата и имотот тој да се оданочи а функционерите да не можат да се занимаваат со дејноста.

Ова да важи и за сегашните и поранешните функционери бара обвинителот.

“Ветингот ќе чекал на двотретинско мнозинство или со други зборови ќе се случи „ad kalendas Graecas“ – поточно: никогаш!

Суштината е дека на политичките елити им одговара токму ова и токму вакво правосудство. Зошто? Затоа што сличен на сличниот му се радува.

Да не испадне дека само критикувам, па еве да понудам конкретни мерки кои не зависат од двотретинско мнозинство или од други слични изговори:

1. Да се спроведе детална финансиска истрага која ќе ги опфати судиите, обвинителите, но и јавните правобранители и членовите на нивните потесни семејства. Доколку се утврди дека некој поседува имот несразмерно поголем со легалните примања да се применат постоечките прописи од даночната сфера и истиот да му се оданочи (не држете ме за збор ама мислам дека законите предвидуваат 70% данок за таков случај). Тоа de facto ќе значи проширена конфискација како во антимафија законите.

2. Недокажаното богатство е доволна причина за недостојност на вршење на функцијата после што нема пречка за разрешување на таквите примероци од страна на соодветните органи кои извршиле нивен избор.

3. Истото да се примени на сите носители на јавни функции и тоа актуелни, но и поранешни. На тој начин меѓу другото ќе го исчистиме јавниот простор од поранешни премиери за кои е сосема нормално да биле богати колку просечен бизнисмен (иако немаат еден работен ден во струката), а верувам и од премиери-аналитичари кои наместо да се покријат со ќебе преку глава, ќе ликуваат на ТВ екраните со застерност на кривичното гонење против нив, небаре добиле вистинска ослободителна пресуда”, пишува Димоски.