Ангел Џамбаски, европратеник од ВМРО на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, е фатен од патрола на сообраќајната полиција зад воланот под дејство на алкохол.
Случајот е од 7 декември, кога Џамбаски бил сопрен од полицијата кај бугарскиот град Самоков и, според неофицијални информации, при проверката на алкохолот во крвта на самото место му се измерени 1,5 промили, јави БТВ.
Членот на Европскиот парламент побарал крвна анализа и, според извори на телевизијата во Министерството за внатрешни работи, таа покажала 1,08 промили, односно 0,12 под прагот за кривична одговорност.
Возачката дозвола му е одземена, а самиот тој признава дека згршил и оти се срами од постапката.
„Беше неодговорно од моја страна и жалам“, изјави тој. „Направив неразумна одлука. Според мене, количеството не беше многу, но се покажа нешто друго“.
Џамбаски ѝ е познат на македонската јавност по честите медиумски настапи во кои ги негира посебноста на македонскиот народ, јазик и култура, а ден пред да биде фатен пијан зад управувачот изјави дека Македонија е втора бугарска држава на Балканот.





