Министерството за правда ќе подготви измени и ќе ги достави до Собранието, најави денеска премиерот Зоран Заев кој најави дека Законот за јазици ќе биде ревидиран.
Измените ќе бидат во согласност со забелешките на венецијанската комисија која вчера достави мислење дека законот треба да се преиспита, пренесува ТВ Телма.
Според премиерот, измени ќе има во делот кој се однесува на употребата на албанскиот јазик во судството, за да се избегне ситуацијата кога заради овозможување на правото на употребата на мајчиниот јазик би се загрозиле некои други права.
„Уште кога дебатиравме и со самото донесување на Законот, рековме дека ќе ја чекаме Венецијанската комисија и ќе ја испочитуваме. Затоа намерата е да ја испочитуваме Венецијанската комисија која е добар репер за сите законски решенија од областа на правото и е прецизна за правосудството. Добро е што се поминува границата на европската употреба на јазиците, но сепак, нарушувате одредено право, а тоа е правото на еднаква, навремена правда и неспречување на правдата. Тоа е врвно човеково право и се однесува, буквално на сите“ вели Заев кој верува дека дека парламентарното мнозинство тоа до крај тоа ќе го испочитува.
„Значи ќе се даде конкретно ревидирање од надлежното Министерство за правда, заедно со експертите, на прецизен начин како што тоа Веницијанската комисија го кажува и потоа ќе се пушти во Парламентот за негово донесување. Во разговорите учествуваа Министерството за правда, потпретседателот на Владата за европски прашања, мојот кабинет, одржавме неколку состаноци, неодамна беше и генералниот секретар на Венецијанската комисија, така што, сме усогласени“ вели премиерот.





