„Имав дојава дека врз мене има ПИ- мерки, во август 2018 –та дознав. Дознав од адвокатот Васил Димишков. Средбата се одржа во Систина. Тој ми кажа дека сум под ПИ- мерки и дека доколку сакам да бидам соработник со него треба да платам 100 000 евра, тоа беше за првата информација, а втората ми даде понуда да издејствува поблага казна. “, изјави Орце Камчев кој денеска се појави како сведок на судењето на „Рекет“, одговарајќи на прашањето на обвинителката Вилма Русковска „Кога и од каде сте слушнале дека се води постапка против вас“?
Во продолжение и за рекетирањето од првбообвинетиот во Рекет Камчев рече:
„Бојан Јовановски првин ми побара пари, преку реклама, да уплатам во неговата телевизија… Преку директорката во мојата компанија понудивме 50.000 евра за реклама. Подоцна таа ми кажа дека бил навреден од сумата, била мала. Подоцна тој бараше нова средба. Дојде со препишан бизнис план, за изградба на ВИП-фешн молови. Беше присутна и Јасна Мандиќ. Прашав, имаш ли локација? Рече имам во Карпош, ама немам намера да му се јавувам на градоначалникот Стефан Богоев, ме заеба, а му имам многу помогнато. Ја сврте последната страница од договорот, потпишан беше Лазар Јанев, синот на Катица. Сакаше да ми наплати 4 милиони евра, толку кошташе проектот, лиценцата за проектот. Ќе си имаш проблеми ако не го потпишеш. Не го потпишав, нормално“, вели Камчев како што пренесува СакамДаКажам.
Јовановски, откако дознал дека Камчев има локација во Карпош, пак преку Зоран Милески барал нова средба, овојпат многу лут. По совет на колеги од неговата приватна болница, дека ќе го урива имиџот преку 1ТВ, Камчев вели дека му дал 180.000 евра за реклама.
Незадоволен од сумата, Боки 13 му пратил фотографија на Инстаграм со тогашната специјална обвинителка Катица Јанева. Така почнала да се конструира истрагата „Империја“, тврди Камчев.




