Член на Венецијанска комисија: Османи да се подготви за разочарување

Вицепремиерот Бујар Османи треба да се подготви за разочарување ако се надева дека во дебатата на Венецијанската Комисија за македонскиот закон за јазиците може нешто суштински да промени.



Член на Комисијата кој инсистира на анонимност смета дека Османи е наивен ако мисли дека може да даде соодветни аргументи со кои драматично ќе се смени првичниот став на Венецијанската Комисија за законот за јазиците во интерес на некоја влада, партија или етничка група.

“Венецијанската комисија е составена од врвни експерти за право чии ставови не зависат од ставови и политики на влади, држави или министри. Секој обид на членовите да им се наметне нешто од позиција на моќ ќе биде катастрофален за тој што ќе го стори тоа”, вели за expres.mk изворот кој очекува Османи како вицепремиер за Евроинтеграции да ги знае овие работи и да не помислува да врши притисок.

На прашање дали на финалното мислење може да влијае македонскиот претставник во комисијата професорката Тања Каракамишева, членот на ВК вели дека таа може да го каже својот став но дека ниту таа не може да влијае на оценката и правното мислење на Комисијата за законот.

“Во прашање се процедури и протоколи кои не зависат од политички влијанија и интереси на поединци и држави туку исклучиво од општоприфатените правила и практики за уставни норми, индивидуални и колективни човекови права, владеење на правото во Европа. Многу европски влади и политичари се обиделе од политички причини да влијаат на одлуките на Комисијата без да разберат дека членовите се водат исклучиво од меѓународното право и правни стандарди кои се темел на европските демократски системи. Ако Османи доаѓа да врши притисок од позиција на вицепремиер подобро му е веднаш да се прошета низ Венеција и да се врати дома”, е пораката од членот на Венецијанската комисија кој е иритиран од тоа што дел од македонските власти ги потценуваат експертските и моралните капацитети на телото на Советот на Европа кое во прелиминарниот мислење објави дека Законот за јазици е надвор од европските стандарди и дека неговата имплементација може да предизвика распад на правниот систем во Македонија.

“Ако планиравме да се повлекуваме од прелиминарното мислење за законот од Македонија немаше да ставиме толку силен “вординг” во првичната верзија на правното мислење” , вели изворот кој со нетрпение чека да се соочи со аргументите на Бујар Османи.

Негативните чувства кај дел од членовите на комисијата се појавиле откако македонската влада побара одложување на дебатата за законот која предходи на објавување на финалната верзија на извештајот.

Изворот на expres.mk нема информации дека македонските власти одложувањето го побарале за да се обидат да лобирааат Венецијанската комисија да го промени првичното мнение, но смета дека ако тоа се случило тогаш официјално Скопје направило драматична грешка што може да се врати како бумеранг.

Венецијанската комисија е тело на Советот на Европа со седиште во Стразбур која се занимава со три главни прашања: демократија, човекови права и владеење на правото. Седниците на Комисијата се одржуваат во Венеција.

На денешната сесија на Комисијата законот за јазици ќе се разгледува попладнево околу 15 часот.