Заев ја прими меѓународната награда „Иса-бег Исхаковиќ“


На свечена академија синоќа во Народниот театар во Сараево, на македонскиот премиер Зоран Заев му беше врачена меѓународната награда „Иса-бег Исхаковиќ“ која им се доделува на странски државници за промоција на мирот, толеранцијата и разбирањето.



Според Комитетот за доделување на наградата, наградата на македонскиот премиер се доделува за неговите напори и иницијативи како позитивни и историски вреднувани, посебно во воспоставување пријателства и соработка на Балканот.

Зоран Заев изрази задоволство што Комитетот одлучил да му ја додели, како што рече, оваа важна награда со која Босна и Херцеговина ги одликува своите пријатели, објави Радио-телевизија на Босна и Херцеговина,

„Босна и Херцеговина тргна да бара пријатели и ме пронајде мене. Со мене го пронајде и мојот мултиетнички народ на Северна Македонија и за мене тоа значи уште посилно јакнење на врските помеѓу народите. Таа награда за мене е огромна“, изјави Заев.

„Оваа награда е токму поради пријателството. Сараево е симбол за сите граѓани во регионот, пркосејќи им на војните и градејќи пријателства, во тој мултиетнички дел на Балканот  јас сум препознат како пријател, а всушност тие пријателства се нова надеж за подобра иднина која се гради на искуствата од минатото“, рече Заев.

Меѓународната награда „Иса-бег Исхаковиќ“  се доделува од 2008 година и досега ја добиле: Алија Изетбеговиќ, Иво Јосиповиќ, Колинда Грабар-Китаровиќ, Филип Вујановиќ, Борут Пахор, Хајнц Фишер, Реџеп Тајип Ердоган, Ивета Радичова, Ѓорге Иванов и Илхам Алијев.