Академик Љупчо Коцарев е избран за нов претседател на Македонската академија на науките и уметностите на изборното собрание на највисоката научна институција во земјава.
Мандатот ќе му почне на 1 јануари, а ќе го замени актуелниот претседател Таки Фити.
Академик Коцарев доаѓа од одделението за технички науки при МАНУ. Роден е во Скопје во 1955 година, каде завршил основно и средно образование и дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Магистрирал на електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Од 1985 до 1999 година бил вработен на ЕТФ, а од 2007 година до денес е дел од кадарот на Факултетот за информациски науки и компјутерски технологии (ФИНКИ).
Од 1999 до 2016 година бил вработен на Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Диего, САД. Остварил студиски престои и во Германија, Италија, Унгарија, Шпанија, Јапонија. Од 2006 година е избран за член на Друштвото на електроинженерите во САД.
„Широк е научниот интерес на Коцарев. Опфаќа повеќе подрачја од физика, технички и компјутерски науки – нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теории на информации и криптографија, машинско учење, обработка на податоци и наука за податоци – пишува во биографијата на Коцарев.
Автор е на повеќе од 160 труда, голем дел од нов објавени во списанија со импакт-фактор.





