Архитектот Мирослав Грчев ги потврди ин формациите дека за 2,5 години како советник во Влада и во Министерството за култура му биле исплатени 17.000 евра, но вели дека нема ништо спорно во тоа бидејќи, како што вели, сработил за износ 20 пати поголем.
„Во овие две и пол години како советник сум одработил и 20 пати повеќе од вредноста која ми е исплатена“, вели архитектот Мирослав Грчев во изјава за „Република“.
Грчев објаснува, дека станува збор за исплати по две основи: како координатор на работната група за справување со последиците од проектот Скопје 2014 на Министерството за култура за што добивал месечен износ од 10.000 денари и
како советник на претседателот на Владата за прашања од областа на урбанизмот и градежништвото, за што добивал надомест од 40.000 денари месечно.
„Во тој временски период, заедно со работната група сработивме 15-тина обемни елаборати и студии на различни случаи. Покрај останатите обврски и проекти како советник на Заев, ги изработив и Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, како и класификацијата и категоризација за видови градби, нешто што е за првпат направено во земјата.
Тоа се огромни текстови и елаборати, за кои, еве да не зборувам за поранешните влади, ќе кажам за странските, се плаќаат по повеќе од 100 илјади евра за изработка на тие закони. Така што, за две и пол години сум одработил и 20 пати повеќе од вредноста колку што сум примил, објаснува Грчев за „Република“.





