Новата методологија за проширување на ЕУ, предложена од Франција, предвидува парцијално членство и 7 етапи при зачленувањето на Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Бих, анализира шефот на собраниската комисија за надворешна политика Антонио Милошоски.
Според него зачленувањето е предвидено како строг, постепен и спор процес, но со поконкретна поддршка во текот на целиот процес, преку делумен пристап до инструментите од заедничките ЕУ-проекти, а можен би бил и пристап до помал процент од структурните фондови.
Етапите на постепеното зачленување се замислени како школски систем, односно не можете да учествувате во политиките на ЕУ од петата етапа, доколку не ги исполните одредниците за влез и учество во четвртата етапа, претходно третата етапа итн. Човековите права и слободи, владеењето на правото и правосудството остануваат темелни основи на процесот, чие исполнување е услов без кој не се може.
“Постепеното зачленување во ЕУ се предлага да биде повратен/реверзибилен процес кој ќе може, заради можно назадување во стандардите, да биде суспендиран, да бидат ускратени одредени фондови или да биде вратен на самиот почеток.
Полноправното членство останува опција и крајна цел, но со оваа методологија од почетокот на преговорите до целосното членство во ЕУ би биле потребни околу 10-15 години”, пишува Милошоски во анализата.





