Претстава што опоменува дека човештвото страда од заборав, ги растура илузиите дека живееме во најдобриот од сите светови и порачува дека не смееме да дозволуваме постојано да бидеме изненадувани од исти работи. Тоа е „Пантаглез“ во режија на Владимир Милчин која премиерно ќе биде изведена в сабота од 20 часот во Драмски театар-Скопје.
Пиесата е на Мишел де Гелдерод, напишана во 1929 година, а Милчин повторно ја поставува во ДТС по речиси 50 години. Во март 1970 година на истата сцена таа била негова дипломска работа.
Пантаглез е половина филозоф, половина кловн, кој без да сака и без да биде свесен е вовлечен во група револуционери. Не претчувствувајќи ништо, со баналната реченица за убавиот ден која не обврзува на ништо, ќе предизвика револуција, во чиј центар ќе се најде и ќе биде стрелан. Умира како марионета, манипулиран до самиот крај од силите кои никогаш не можел да ги разбере.
-Човештвото не научило ништо по сите револуции и контрареволуции. И денес страда од болеста на заборавот и тоа го плаќа скапо и крваво. Денес луѓето знаат помалку од она што го знаеле по завршувањето на Втората светска војна. Овој организиран заборав ги прави можни и катастрофите низ кои поминува човештвото на почетокот на 21 век за кој наивно верувавме дека ќе го живееме во најубавиот од сите светови – рече Милчин на прес-конференција.





