Партијата Левица поднела пријава до Државниот инспекторат за труд против велешката конфекција „Стоби“, откако неколку работници алармирале дека 250 работници остануваат на улица без отпремнина, без здравствено осигурување и сите права кои законски им следуваат.

„Работниците во „Стоби“ со години биле изложени на силна екплоатација, приморани да работат за време на празници и викенди без да бидат пријавени и без да добијат соодветни дневници! Дополнително, газдата на конфекцијата ги пријавувал на скратено работно време без нивно знаење, со што голем дел од работниот стаж никаде не е пријавен. За конечно, во период од 40 дена да бидат избркани 250 работници, со тоа што при бркањето им било кажано дека добиваат бланко лист кој има намена за обнова на договорот, а добиле спогодбени договори за отказ.
Дел од работниците кои сакаат да ги остварат своите законски права дури добиле и директни закани од газдата дека доколку некој се осмели да го тужи, ќе заврши лошо – затоа што се работи за локален моќник заштитен од сите досегашни власти! За ваквото насилничко однесување и тортура врз работниците ниту една институција нема преземено мерки, додека работниците кои се осмелиле да пријават до инспекторат подоцна биле изложени на дополнителни закани од газдата на конфекцијата!- се вели во соопштението на Левица на ФБ.





