Со допис потпишан од претседателот Талат Џафери Собранието, а и пратеникот Илија Димовски лично, го известиле судијата Осман Шабани дека Димовски поради службени обврски нема да може да присуствува на судењето за предметот „Талир“ кое вчера беше одложено за 13 декември, дознава Плусинфо.
Тоа го потврди и пратеникот Димовски кој е службено во Стразбур.
„Изненаден сум од реакцијата на судијата Осман Шабани, бидејќи тој е навремено известен за моите службени обврски.
Прво, има добиено допис од страна на Собранието на Република Македонија со кој е известен за моите активности, како шеф на македонската делегација во ПС на НАТО овие неколку денови.
Второ, тој допис судијата сам го прочита во целост на претходно рочиште, што значи дека е целосно информиран за неговата содржина.
Трето, секогаш, а и во овој случај е усно информиран и консултиран од моја страна за вакви прашања. Не би сакал да ги коментирам аналогиите со верски и слични коментари, оставам дека тоа е само несреќна и ненамерна грешка на судијата“, вели пратеникот Димовски за Плусинфо.
Судијата Шабани вчера мошне нервозно реагираше на одлагањето на вчерашното рочиште на „Талир“, обвинувајќи го за неодговорност пратеникот Димовски кон кого упати и закани:
„ Не НАТО, не ЕУ, не СВ. Апостол Павле да го бара, во иднина нема, ова е неодговорно“, рече судијата Шабани.





