Франција смета дека сите земји од регионот се дел од европскиот континент, но неопходно е денес за ЕУ да се реформира внатре, вели во интервју за МИА Елен Конвe-Муре, заменик претседател на францускиот Сенат и член на Комисијата за надворешни работи, одбрана и вооружени сили, која е во дводневна посета на земјава.



„Не станува збор за вето, ниту за одбивање од страна на Франција, затоа што Франција не сака да го блокира процесот, туку само се изјасни негативно во однос на прашањето, затоа што можеби денес ЕУ не е подготвена да прифати нови земји членки и неопходно е да се видат одредени критериуми кои што ќе помогнат да се пристапи кон членство и прифаќање на нови земји – кандидати“ – вели сенаторката Конве-Муре појаснувајќи го недоделувањето датум за Скопје и Тирана на октомврискиот Самит на ЕУ.

Околу ратификацијата на Протоколот за членство на Македонија во НАТО, Конве-Муре појаснува вели дека тоа ќе зависи од агендата на францускиот парламент, но не знае дали тоа ќе се случи пред самитот на Алијансата во Лондон.

„Можеби, но не можам да го потврдам тоа, не можам да ви дадам точен датум затоа што моите колеги од француското Собрание немаат фиксна дата. Она што можам да ви го кажам е дека нема да има никаков проблем за гласањето во француското Национално собрание“, вели Конве-Муре.