Дали прогресивниот закон, беше „грешка“ на власта!?

Прогресивниот данок ја намалил нееднаквоста за само еден отсто, а за 50 % се изгубени приходи кои можеле да се соберат, поради избегнување, со тоа што даночните обврзници се префрлале во друг систем или ги префрлиле приходите од авторски дела и закупнини на други лица, оцени министерката за финансии Нина Ангеловска во образложението зошто владата го замрзна овој вид на оданочување до 2023 година.



„Мислам дека Владата увиде дека прогресивниот данок ѝ беше грешка. Ова од причина што целите што си ги постави со воведувањето на ова оданочување, не се остварија. Владата мислеше дека со тоа ќе дојде до ублажување на разликите меѓу богатите и сиромашните, но очигледно е дека тоа не се оствари. А од друга страна, факт е дека одредени занимања, кои земаат плата над 1.000 или 1.500 евра, се почувствуваа загрозени. Тука влегуваат особено ИТ инжинерите, млади луѓе, кои често работат и прекувремено за да заработат повеќе, и кои очигледно не се најбогатите луѓе во земјава. Нив прогресивниот данок ги натера да размислуваат да ги прикриваат приходите или да регистрираат фирми во странство. Затоа сметам дека овој потег на Владата треба да се поздрави, бидејќи е добро кога ќе се признае дека некој згрешил“, објаснува Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи за „Фактор“.

Во анализата, порталот потсетува дека некои од економските аналитичари не се согласуваат дека требаше да се стопира  прогресивниот данок.

Висар Адеми, економски аналитичар вели дека главната причина е што најбогатите три до четири отсто од компаниите во земјава имаат, како што вели, свој „грб“ во Владата, особено преку вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. А и министерката за финансии, Нина Ангелосвка, доаѓа од бизнис секторот.

Поранешниот министер за финасии Драган Тевдовски и неговиот советник Бранимир Јовановиќ, кои силно ја туркаа идејата за праведниот данок,  сметаат дека ова не е добар владин чекор.

„Немојте да тврдите дека се застапувате за сиромашните, работниците, земјоделците, студентите, обичните луѓе, народот. И немојте да ги барате нивните гласови на следните избори“, порача Јовановиќ.

Премиерот Зоран Заев призна, како што рече, дека прогресивниот данок бил грешка.

„… еве на крај на годината сме и признаваме дека не ги донесе резултатите. Ова е само израз на чесно владеење, што ќе продолжи оваа Влада да го практикува“, рече премиерот.

За да се стопира прогресивниот данок, ќе треба набргу да се предложт измени на Законот за данок на личен доход, со кој беше воведена втората даночна стапка од 18 отсто, и нив народните избраници да ги изгласаат до крајот на годинава.