Некако, веќе се навикнавме на честите промени на ставовите на другарот Зоран Заев… Едноставно, на лидерот на СДСМ не му е непријатно да ги менува ставовите, ако тоа му овозможува политички опстанок и придобивки.
Во принцип, јас за тоа не му замерувам. Барем не премногу, пишува новинарот Бранко Героски во колумна за „Плусинфо“.
„Велам, можам да најдам разбирање за таа негова незгодна навика. Во крајна линија, ние луѓето не сме магариња, па да не ги менуваме ставовите. Се менуваат околностите, се случуваат драматични промени во животот, бесмислено е човек упорно да се обидува да урне ѕид со глава. Понекогаш е доблест да се признае и слабост и грешка, да се тргне во друга насока.
А тоа на Заев во овие три години на власт му се случуваше често. Пречесто…
Се сеќавате на преговорите со Грција и на Преспанскиот договор. Во неговата карактеристична поза „зборот си е збор“ – невин поглед и раширена дланка положена врз срцето – Заев ветуваше дека нема да се менува уставното име, дека преговара само за име за надворешна употреба. Па уште оние мелодрамски реплики – додека сум жив, додека дишам…“ потсетува Героски.




