Македонскиот активист во Бугарија, Атанас Кирјаков, јавно им изрази благодарност на 266 сограѓани што гласаа за него на изборите за градоначалник на Благоевград.
„Резултатите покажуваат дека Движењето ЗАЕДНО за промена има 266 гласови за градоначалник на Општината и 93 гласа за листата за општински советници. Немам намера да ги оспорувам резултатите и ја почитувам одлуката на Комисијата. Задоволен сум што Движењето ЗАЕДНО за промена постигна успех во некои големи општини во Бугарија. Резултатот во Благоевград е изненадувачки не само за Движењето ЗАЕДНО за промена, туку и за противниците, кои не се за промени. Во општина Благоевград овој резултат беше постигнат со минимални средства (520 лева вложени во кампањата само за плакати и за платформа, за кои ќе објавам документирано) и при целосен информативен мрак, игнорирање и изолација од печатените и од електронските медиуми. Ако противниците ги објават средствата што ги потрошиле за време на предизборната кампања, како и парите за индивидуално стимулирање на дел од гласачите да гласаат за нивните списоци и ги споредат со моите (520 лева), ќе се види цената на добиените изборни гласови“, вели во јавното обраќање еден од основачите на Обединета македонска организација „Илинден“, која бугарската држава одбива да ја регистрира.
„Јас лично и во името на Движењето ЗАЕДНО за промена, изразувам почит и благодарност до моите сограѓани од Благоевград и од селата кои гласаа слободно, независно од партиските, религиозни или етнички убедувања, а се за промени во свеста да се развива чувството кон малцинските етнички групи, дека тие се неразделен дел од бугарското општество како рамноправни граѓани на Бугарија и на Европа“, поентира во објавата Кирјаков, кој во финишот на кампањата на својот профил на Фејсбук напиша на англиски јазик „Јас сум Македонец“.





