Пратеникот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски, побара објаснување зошто премиерот Еди Рама ја откажал средбата со македонскиот претседател Стево Пендаровски кој е во официјална посета на Албанија.
Тој за ова прозборе во Парламентот.
„Планирано беше претседателот Стево Пендаровски да се сретне и со премиерот Еди Рама, но како што бев информиран од македонската делегација, половина час пред средбата, кабинетот на премиерот Еди Рама средбата ја откажал со образложение: Прeмиерот има важен состанок“ ги информирал Стерјовски пратениците.
Одложувањето на средбата се случи после заедничката прес-конференција на претседателите Мета и Пендаровски.
Премиерот треба да ја информира јавноста, зошто ја одложи средбата со претседателот Стево Пендаровски половина час пред нејзиното одржување, рече Стерјовски.
Однесувањето на премиерот Рама Стерјовски го оцени како несериозно.
„Имајќи предвид дека ваквите средби се закажуваат предвреме со недели, останува впечатокот дека е несериозно однесувањето на премиерот, уште помалку е во духот на добрососедството. Особено ако се има предвид дека Република Албанија и Република Македонија заедно се движат по европскиот пат и споделија иста мерка од последниот самит на Европскиот совет – одлагање на датумот за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Впрочем, не е тајна дека Македонија не доби датум за почеток на преговорите поради нас, поради нашата држава Албанија“, рече Стерјовски.
Стерјовски информираше дека имал средба со Пендаровски:
„Како пратеник во албанското Собрание и претставник на Македонската заедница во Албанија, остварив средба со претседателот Стево Пендаровски. Разменивме мислења за актуелните состојби во двете држави и го запознав со актуелните состојби, положбата и правата на македонското малцинство во Албанија и можностите за унапредување на неговата положба и права“, рече тој.





