На трибина организирана од Transparency International-Macedonia, зборувајќи за корупцијата и состојбите со вработувањата во јавната администрација во државата, холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп искристил метафора според која во овој дел реформите се катастрофални и на раб на опстанок.
“Состојбите се како брод што тоне, при што прво што треба е да се испумпа водата и затнат дупките”, изјавил холандскиот амбасадор на трибината.

” Во системот имаме проблем, во законите со текот на годините секогаш се внимавало да се остави простор за евентуална потреба на оние кои се на власт. И покрај законите имаме продлабочено делување во таа насока преку подзаконските акти, кои ги носат самите министри, а се одобрувани од страна на Министерството за информатичко општество. Тоа укажува дека затајуваат и контролните механизми и инспекциските служби, а има проблеми и во назначувањето во инспекторатите”.
Ова е заедничкиот заклучок на претседателката на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Слаѓана Тасева и Софка Пејовска – Дојчиновска, член на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) кои вчера се обратија на презентацијата на проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам“.
Коп во земјава пристигна пред еден месец и го замени амбасадорот Кломп кој беше најголем поддржувач на СЈО и Катица Јанева до нејзиното апсење.




