„СДСМ наспроти ВМРО-ДПМНЕ води со 3 процентни поени, тоа го објавивме јавно со кредибилни агенции кои го направиле тоа. Ќе направиме уште една анкета да видиме како стоиме по одлуката за избори. На крајот граѓаните одлучуваат на изборите“, рече премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, по средбата со коалиционите партнери во партиското седиште.
По средбата кај претседателот, одржавме средба и со коалиционите партнери. Сакаме да афирмираме неколку вредности, оваа коалиција останува целосно посветена на нашиот евроатлантски пат, рече премиерот.
„Ние веруваме дека нашиот народ заслужува да биде европски народ кој ќе ги живее истите вредности кои ги живеат модерните западно европски земји, каде што владее правото, каде што имаме модерно образование, здравство. Веруваме дека во овој правец толку силно ќе го блеснеме нашето заедничко македонско сонце кое што дефинитивно ќе побуди дополнителна дебата позитивна во ЕУ, која конечно ќе ги донесе преговорите“, рече Заев.
Лидерот на СДСМ информираше дека сите коалициони партнери се согласиле за датумот за избори и дека ќе ја формираат новата заедничка програма.





