90 илјади евра за Орце, 88 за Тимчо – Данела пишува казни оти не го собра ѓубрето

Инспекторатот за животна средина изрече парична казна за општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски во висина од 88.000 евра поради исфрлање на отпад пред депонијата „Дрисла“ кога Скопје се давеше во смет додека имаше бунт на работници во ЈП Комунална хигиена.



„Имено, општина Аеродром преку компанијата “Пирамид Билдинг” ангажирана на тендер, наместо на предвидената локација во ЈП “Дрисла” го исфрлала општинскиот отпад на зелена површина, во парк во близина на управната зграда на ФФМ на бул.АСНОМ со што направиле нова дива депонија, пренесува Фактор.мк.

Рокот за подмирување на казната е 8 дена од денот на изрекувањето, во спротивно истата присилно ќе се наплати. Дополнително, против сите прекршители ќе бидат поднесени и соодветни кривични пријави“, објави инспекторатот..

Инаку Муцунски, заедно со градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, претходната недела вечерта го истурија насобраниот отпад од двете општини пред Дрисла, откако од депонијата одбија да им дозволат ѓубрето да го истурат внатре.

Потоа Град Скопје објави дека Ѓорѓиевски и Кисела Вода треба да платат казна од 90.000 евра за истурен смет пред Дрисла. Потоа градоначалникот на Кисела Вода во неколку наврати рече дека казната нема да ја плаќа, затоа што била незаконска.

Од „Дрисла“ не објаснуваат зошто не дозволија камионите да влезат иако градоначалниците рекоа дека ќе платат за депонирањето на ѓубрето. Во кусо соопштение обвинија дека e креиран сомнеж за извршување кривично дело од нивна страна против животната средина.