Денеска и утре се врши пријавување за првиот рок за упис на студенти на прв циклус студии во учебната 2024/2025 година на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ).
На 23 факултети во состав на најстариот и најголемиот универзитет во земјава, слободни се вкупно 9 921 места за нови студенти, од кои 4 761 за редовни студенти кои се финансираат од буџетот, 4 210 за редовни со школарина и 950 за вонредни студенти.
Најголем број слободни места годинава има на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) или 1 030, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – 1 020 и на Филозофскиот, 895.
На Правниот факултет има 705, а Економскиот факултет е со 700 слободни места.
Цената за партиципација останува непроменета, што значи дека за редовните студенти во државната квота останува 200 евра годишно, а за редовните што ќе ги кофинансираат студиите и за вонредните студенти е 400 евра годишно.
Резултатите од првиот уписен рок на УКИМ ќе бидат објавени на 3 септември, конечната ранг-листа на 6 септември, а на 11 и 12 септември ќе биде запишувањето на примените кандидати.
Вториот уписен рок на скопскиот универзитет е на 17 и 18 септември и третиот на 27 септември 2024. 360 степени






