Од вкупно 37 обвинети во случајот „Диво насеље“ на 9-10 мај 2015 година, Општинскиот суд 1 во Скопје денес за виновни прогласи 33 лица, а четворица добија ослободителни пресуди.
Казна доживотен затвор добија седуммина, 13 добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, двајца по 14 години затвор. Еден е осуден на 18 години затвор, тројца на 13 и еден на 12 години затвор, јави Нова ТВ.
Покрај досудените казни, обвинетите добија задолжување од судот да ги надоместат трошоците за судската постапка, односно за нивниот спровод од затворите до судот, кои се во износ од околу 13 милиони денари, пренесе Алсат-М.
Обвинетите одбија да ја слушнат пресудата, а во Судницата беа присутни само новинари, адвокатите и роднините на обвинетите.
Тие биле изнесени од судницата, бидејќи викале УЧК и ја пееле албанската химна, пренесува Нова ТВ, а на Судот му дофрлале дека тие не се терористи.
Обвинетите до Судот денес беа донесени со хеликоптер, а сообраќајот во делови од градот беше блокиран.





