441 лице за две години добиле „втора шанса“ по сторено кривично дело

Во изминативе две години вкупно 441 лице добиле „втора шанса“ по сторено кривично дело за кое им била пружена можноста наречена „Алтернативна мерка“. Овие мерки, кои ги отсликуваат универзалните определби на современото казнено право, како што вели професорот Никола Тупанчески од Правниот факултет „Јустинијан Први“, се само за вклучување на „црвено светло“ дека некое лице се движи во погрешна насока, и доколку ние ги примениме како што треба, можеме да спречиме некое потешко кривично дело.



На сторителите на кривичните дела, согласно Кривичниот закон, алтернативните мерки кои може да им се изречат, покрај казните и ефективната мерка затвор се: условна осуда, условна осуда со заштитен надзор, условно прекинување на кривичната постапка, општокорисна работа, судска опомена и куќен затвор.

Алтернативните мерки кај нас се подробно врамени во Законот за пробација, донесен во 2015 година, со кој се уредуваат пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки.

Согласно законот, оттогаш до 2020 година, пробациска мерка е изречено за 441 лице. Најмногу од нив се од Пробациската канцеларија во Скопје, а најмалку во Штип.

Целта на алтернативните мерки е спрема кривично одговорниот сторител да не се примени казна за полесни дела кога тоа не е нужно заради кривично-правна заштита и кога може да се очекува дека целта на казнувањето може да се оствари со предупредување со закана на казна, како што е условната осуда, само предупредување, односно судска опомена, или, со мерки на помош и надзор на однесувањето на сторителот на слобода.

Линк до целиот текст.