44 граѓански здруженија против изградба на 40 хидроцентрали на Шара

Донесување закон кој ќе спречи изградба на мали хидроцентрали на Шар Планина, а Министерството за животна средина да ја стави Шар Планина во привремена заштита, бараат 44 граѓански здрушенија и иницијативи.



На 20 ноември истече рокот за прибирање коментари во врска со Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Невладините предупредуваат дека доколку се усвои онака како што е предложен, овој закон ќе овозможи изградба на нови мали хидроцентрали на Шара во услови кога негативното влијание од постоечките хидроцентрали врз природните вредности, но и животот на локалното население, силно се чувствува.

-Доколку се реализираат зацртаните планови, во идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали! Имајќи предвид дека врз основа на овој закон ќе се изработи планот за управување со националниот парк, а кој се донесува за период од 10 години –Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, наместо долготрајна заштита, може да обезбеди законска рамка за долготрајно уништување, посочуваат здруженијата во заедничкото соопштение.