365 дена реализирање на ветеното, над 120 милиони евра во проекти од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор за време на денешниот отчет за градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека честа е огромна да се отвори овој политички саем кој треба да биде едно резиме, еден сублимат на тоа што се затекна, но и што се направи за овие 365 дена.



Пред точно една година кажав дека добиената обврска од граѓаните да се управува со општините за мене претставува најголемата должност да се оправдаат очекувањата, рече тој.

Додаде дека ова прашање не е само едноставна преземена обврска, туку и прашање за чист образ.

Затоа што најсветото нешто што еден човек го добива од своето семејство е името, честа, воспитувањето кое го стекнува и чистиот образ. Ако тоа наследство го оштетите, тогаш не само што поединецот се губи како човек, туку и го навредувате вашето потекло, вашето име, чест и образ. Ако ова го нема човек, тогаш ништо нема, а за нас десничарите, традицијата, корените и семејството, но и чистиот образ, се темелот во кој веруваме. Нешто по што се разликуваме од останатите, изјави Мицкоски.

Нагласи дека 12 месеци подоцна, по многу часови напорна работа, по многу непроспиени ноќи поминати во комуникација со градоначалниците, по многу пот, пожртвувана работа, посветеност, можам да каже дека задоволен од она што се постигна.

Најголемата придобивка е што се чувствуваат промените што носат иднина. И тие се малата, но многу значајна надеж дека може поинаку. Започнавме да градиме една поинаква слика и покажуваме со дела дека може поинаку, може подобро и може она што е најважно да се работи чесно.

Поминавме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата. Проблеми кои се решаваат заедно со граѓаните. Срушена е бариерата која со децении постои помеѓу граѓанинот и политичарот. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата можете да ги видите по парковите, градилиштата, маалата, улиците, достапни за народот. Очи в очи да разговарате, да дебатирате, да критикувате.

И знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту пак тоа го ветивме, но затоа се трудиме со сите сили да решиме што е можно повеќе проблеми и да не заборавиме ниту за миг сè што ветивме. И сево ова постигнато во услови на тешка економска и политичка криза, на грчевита борба и опструкции од централната власт, во еден, би рекол не само ладен, туку отворен непријателски однос на владата кон општините кои се соочуваат со дневни опструкции, кратења на фондови, одземање на помош, нерешавање на проблеми. И ова не го кажувам да се оправдам за било што, туку да кажам дека ваквите неправди нè мотивираа да работиме повеќе и постојано. А тоа го потврдуваат резултатите.

И многумина знаат да речат еве го Мицкоски е најистурениот градоначалник, па дури и забележуваат затоа што одам со градоначалниците при реализација на проектите, зошто толку се интересирам за остварување на тоа што се работи. Па да одговорам на сиве овие работи.

Ако е главната забелешка зошто заедно со градоначалниците работам да се реализираат проекти за народот, ако главното што можат да искритикуваат е тоа што имам непроспиени ноќи и часови и часови работа посветено на остварување на ветеното, тогаш можам да кажам дека сме на вистинскиот пат. Затоа што како што на почетокот посочив она што нема цена се чистиот образ и честа кои треба да се бранат со дела.

Секој збор од овие програми ветени пред граѓаните го бранев на изборите лично јас, со моето име и мојот кредибилитет. И немам намера да избегам ниту милиметар од тоа што го ветив и затоа сум најмногу заинтересиран да не го разочараме народот и затоа и тие малкумина загрижени кои ги даваат ваквите забелешки треба да знаат, заедно со градоначалниците ќе ме гледаат уште многу на отворања и градба на нови улици, паркови, водоводи, нови канализации, училишта, на многу нови проекти и реализирани ветувања.

Затоа сум задоволен од постигнатото, а најмногу што го одржавме зборот.

Промените се гледаат во резултатите и во делата.

Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ за само 365 дена од мандатот отпочнаа со градба или реализираа проекти во вредност од 7.458.790.588 денари или близу 120 милиони евра. Резултат за почит. Ако имаме предвид дека власта, имајќи го на располагање целиот рекорден буџет за оваа година, реализираше нешто повеќе од оваа бројка, тогаш само по себе можете да забележите колкав е подвигот на овие луѓе, нивниот тим, администрацијата, но и на сите нас, на вас и граѓаните кои цело време им даваат поддршка да ги реализираат тие проекти.

Како се реализирани овие проекти.

Во истите тие општини се реализираа или се отпочна со реализација во патна инфраструктура, градба на надвозници, клучки, нови улици, булевари или нивна реконструкција во вредност од над 36 милиони евра (2.246.110.874 денари).

За градба или реконструкција на водоводни и канализациони мрежи за една година се отпочна со инвестициски циклус вреден од над 20 милиони евра или точно 1.278.181.531 денари.

Во едни тешки околности на сеопфатна криза се започна со решавање на проблемот со недостиг на детски градинки. Денес речиси и да нема општина каде нема дополнет капацитет или градба на нова градинка, или приспособување на просторни услови за тоа. За само една година се почна со градба или реконструкција на градинки во вредност од над 9 милиони евра. И свесен сум дека ова не е доволно, но е добар почеток на решавање на еден децениски проблем. Образованието е наш приоритет. За градба или реконструкција на основни училишта се инвестираа повеќе од 19 милиони евра.

За нови паркови и зелени површини се почнаа инвестиции во вредност од речиси 4 милиони евра, додека за зачувување на животната средина и проекти од оваа област се инвестираат нови 2 милиони евра.

Се инвестира и во културата. За нови културни домови, за реконструкција на културни знаменитости и инвестиции во културата се вложуваат речиси 2.5 милиони евра, додека пак за спортот и спортски објекти за најмладите се инвестира повеќе од 7 милиони евра.

Не се заборавени и ранливите категории граѓани, за кои низ различни програми и намени се даваат речиси 1.5 милиони евра. За конкретните проекти ќе чуете во отчетите после ова мое обраќање на овој политички саем, кој се одржува за прв пат во нашата земја.

Јас сум задоволен од постигнатото. И секогаш може повеќе и барам повеќе. Но ова е одличен резултат кој е гаранција дека промените ќе бидат уште поголеми и уште позначајни. Овие резултати се однесуваат на повеќе од 40 општини во кои победата ја имаше ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, без Градот Скопје, каде прашањето за одбрана на принципите и нашето стојалиште да не ја изиграме довербата на граѓаните кога тоа веќе многу лесно го прави првиот човек на Градот, продолжува да биде границата од која нема да се повлечеме и моралот и вредностите што ги браниме. Одбраната на тие принципи се нашето право и должност, затоа што ветивме работа, наместо неспособност, ветивме резултати наместо стагнација.

Ме прашуваат што е најголемата придобивка од овие 365 дена локална самоуправа раководена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Убави се нови градинки што се започнаа, новите паркови што ќе го разеленуваат просторот, реконструираните училишта, спортските сали кои се во градба како и водоводите и канализациите кои решаваат проблеми. Но што е она што е вистински најважно: Тоа е дека е родена е искрата надеж, дека покажуваме промени.

Долгите децении и поделби, политички борби што го донесоа синдромот на самоуништување, губењето на светите работи придонесе да биде убиена надежта во изминатите години. Власта овие години брутално си поигруваше со судбината на многумина намерно и свесно за да се обесхрабри народот, за да завладее апатија, да се донесе незаинтересираноста, за да се помине полесно.

И така многу често народот знае да каже си патиме од реченицата која не е само потврдна форма на ужасот кој го живее секој човек, туку и израз на најголемата апатија и помиреност со таквиот ужас –„Е ТОА Е”. И кога инфлацијата растеше некои велеа „е тоа е, секаде е лошо“. И кога Уставот го менуваа пред неколку години, изразот беше „е тоа е, така требало да биде”. И кога беше предлогот за преговарачка рамка кога заедно со народот протестиравме и велевме се прави штета бидејќи бугарската кочница ќе биде мерило за преговорите со ЕУ, некои велеa „е тоа е, мора така да биде”. Кога го плашат народот и велат нема повисоки плати бидете задоволни со тие што ги имате, многумина ќе речат „е тоа е”.

Јас велам доста е, од „тоа е“.

Доста е од порази што внесуваат несигурност, ја уништуваат самодовербата. И сево ова мора да го смениме. Тоа е потврдната карта на власта да продолжи со распродажба и да ја уништува нашата Македонија.

Затоа што апатијата не смее да биде поголема од желбата да успееме, и затоа е потребна надежта која се роди во изминатава година. Она што мора да го објавиме е широк фронт против таа апатија која ја разорува земјата и од која не може да се видат јасно работите, поради која многумина велат сите сте исти, кога не сме, кога многумина акцијата ја заменуваат со пасивизација и поради сè заедно, ние пополека ја губиме Македонија. Промените вродија со надеж дека може поинаку, може домаќински. Таа мала ронка надеж треба да стане потокот кој ќе се слее во поголема река на надеж за успеси и победи, за да на крај дојдеме до морето на среќа, надеж и иднина каква, оваа земја и сите нејзини граѓани ја заслужуваат.

И затоа во оваа една година покажавме дека промените се реалност и дека тие треба да продолжат подлабоко и ќе бидат целосни само кога оваа влада, која донесе болка, апатија, криминал и очај, ќе падне.

И ви ветувам дека тоа ќе се случи и за тоа се бориме секој еден ден.