Вкупно триесет и шест македонски граѓани се гонат за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, соопшти денеска Јавното обвинителство.
Најголем дел од нив веќе се уапсени а по дел се трага.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија ја заврши предистражната постапка, пишува во соопштението на ЈО.
По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик.





