„Вевчанскиот случај”, кој во својата најдрастична форма се манифестираше со двете интервенции на полицијата на 26 мај и 7 август 1987 година, своето место го наоѓа токму во континуираниот отпор на вевчанци, при посегањето во нивните права. Тој всушност стана најсилна метафора на нивната вечна борба за опстанок на овој простор и на непокорот, кој со векови, постојано ги иницира развојните процеси и размислувањата за проширување на слободите и демократијата.
Поавторитетните аналитичари на настаните од 1987 година и во годините што следуваа, кога на демонстрацијата на сила од страна на власта и на примената на различните форми на притисок се одговараша со разни форми на непослушност, протести и борба за зачувување на сопственото достоинство, оценуваат дека атакот врз Вевчани имаше повеќе причини. Тие на крајот сосема се вклопуваат во сценариото и намерата на власта за демонстрација на сила и обидот да го бранат тогашниот политички „систем”, ако е потребно со употреба на сите видови на сила и со сите и најгруби форми на притисок врз граѓаните.
Оваа теза може да се поткрепи со повеќе клучни аргументи:
Партиско – полициските структури го очекуваа отпорот на вевчанци, но ни оддалеку во своето сценарио не можеа да ги предвидат формите на отпорот, неговите димензии, влијанието на медиумите, како и текот на политичките процеси и промени што ги зафатија некогашните социјалистички држави, а во кои Вевчани има доминантно и заслужено место.
Одбраната на „системот” и своите лични пресметки во партиско полициската и политичката номенклатура, власта ја креираше со создавање на еден догматски, застарен и страшен идеолошки стереотип, дека отпорот на вевчанци е инспириран однадвор и од политички и државни непријатели од најразлични видови – граѓанска десница, информбировци, верски шовинисти. Со тоа всушност на Вевчани му беше ставена колективна етикета на политичка неподобност и идеолошко непријателство на системот.
Идеолошка матрица на власта во медиумскиот настап и налагаше предимензионирање на формалната причина за спорот – водата, а во идеолошкиот настап, во не многу затскриена форма минимизирање на сопствената глупост, зад синтагмата „вевчански синдром”, која како црв ја риеше и уриваше самодовербата на власта во релизацијата на кабинетските сценарија.
Целиот текст на следниот линк:
https://www.mkd.mk/makedonija/politika/35-godini-od-vevchanskiot-sluchaj-metafora-za-nepokorot





