Долгогодишниот дописник за Бугарија од Скопје, сега аналитичар, Костадин Филипов, во интервју за бугарскиот весник „Монитор“ го оценува бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ како ирационален, па ги повикува пратениците од оваа партија што се против договорот со Бугарија „да ги вратат бугарските пасоши“.
„Договорот требаше да биде изгласан, но намерно беше одложен по Нова година, со надеж дека новото раководство можеби ќе ја омекне својата позиција и ќе го промени своето мислење. Никој од ВМРО не влезе во салата на 15 јануари, а имаше луѓе кои за време на Конгресот играа нешто како внатрешна опозиција. И тоа беа популарни фигури на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, очекував барем да влезат во салата, но тоа не се случи. Затоа, штом толку не сакаат развој на односите меѓу Македонија и Бугарија, овие пратеници од партијата, кои се со бугарско државјанство, да ги вратат своите бугарски пасоши, ако се толку моралисти“, вели Филипов за „Монитор“.
Според него, со изгласувањето на Договорот, „Владата на премиерот Зоран Заев затворила едно прашање со соседите“.
Но, нагласува Филипов, останува отворен спорот со Грција, прашање за кое вели „нема да оди толку лесно“.





