Судот одреди мерка притвор од 30 дена на Игор Дурловски кој беше приведен утрово како еден од 36 осомничените за настаните во македонското собрание на 27 април.
И екс-министерот Митко Чавков, уапсен во денешната акција на полицијата му беше одреден 30 дневен притвор. На уште шест од приведените им беше изречена истата мерка, додека на пратеничката Жаклина Пешевска одреден и е триесетдневен куќен притвор.
Судот испрати барање до претседателот на Собранието, Талат Џафери, за одземање на имунитеот на пратениците Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски, Љупчо Арнаудов, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски по барање на Јавното обвинителство.
Џафери изјави дека барањето ќе го разгледа утре по враќањето од службен пат.
Од 36 осомничени за настаните од 27 април, полицијата привела 24, а по 12 се трага.





