Синоќа во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија во „Вила Водно” се одржала средба на која учествувале претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Средбата била реализирана како резултат на претходно започнатите разговори.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Република Македонија и се разговарало за решенија за излез од моменталната состојба на тензичност во државата, а која што предизвикува загриженост кај граѓаните, информираат од кабинетот на претседателот.
Соговорниците се согласиле дека е неопходно сите чинители во општеството да се насочат кон градење консензус за национален дијалог, во функција на помирување и нормализирање на политичките процеси, како основа за продолжување на реформските приоритети на Република Македонија.
За прашањата кои предизвикаа интерес на оваа средба, разговорите ќе продолжат и во иднина.





